Историја на училиштето Средното образование во Берово е воведено од учебната 1953/54 година со решение на Советот за просвета на НРМ од 10.09.1953 кога е верифицирана полна гимназија
Во 1956 година гимназијата се трансформира-преминува во средно економско училиште. 1960/61 се враќа гимназискто образование но продолжува да постои и економското училиште.
Наредната година економското училиште се припојува кон гимназијата а постојат две паралелки од просветна струка. Од таа година училиштето го добива името Ацо Русковски.
Од учебната 1963/64 средното училиште функционира како чиста гимназија (без економски и педагошки паралелки), се до 1978 година кога се трансформира во ЦСО. Во ЦСО покрај гимназиско има и стручно образование: текстилно-кожарска струка, електро, дрвопреработувачка, струка за неметали и др. Од 1980 до 1990 година училиштетот работи според концептот за средно насочено образование, а стручното си постои вон тој концепт. Во учебната 1991/92 се напушта концептот зa насочено образование и се враќа гимназиското образование. Од 2001/02 гимназиското образование се реализира според новите планови и програми.
До учебната 1997/98 година училиштето работеше во стар објект кој се наоѓаше на ул. „Маршал Тито“ б.б. Од учебната 1998/99 година училиштето е преселено во нов објект кој се наоѓа на ул. „Дамјан Груев“ б.б., во кој просторните услови се според педагошките стандарди и нормативи за изведување на настава.
Училиштето денес
Во 2006/07 година училиштето е општинско средно училиште во кое се реализираат планови и програми за гимназиско и стручно образование текстилно-кожарска струка.
На почетокот на годината вкупно се запишани 807 ученици распоредени во 27 паралелки од кои 646 ученици во гимназиските паралелки, а 161 ученик во паралелките од текстилно-кожарската струка. Теоретската настава и наставата по општо-образовните предмети се изведува во кабинети опремени со потребните наставни и наглени средства што ги изискува современата и модерна настава. Меѓудругото располагаме со над 30 компјутери и друга ИКТ техника и 24 часовна интернет врска со која учениците имаат можности да дојдат до потребните информации и податоци потребни за наставата.
Практичната настава за учениците од текстилно-кожарската струка се изведува во работилница опремена со најсовремени машини за текстилно производство, донирана од ЕАР и ВЕТ.
Низ разните видови на настава учениците се здобиваат со потребните знаења, вештини и практично оспособуваат за продолжување на образованието на високошколските образовни институции, за вклучување нa берзата на трудот или за отпочнување на сопствен бизнис.
Училиштето е вклучено во повеќе проекти и програми благодарение на кои наставата се осовременува и модернизира и се следат современите трендови. Досега се реализирани проектите: Е-школо, Екстракурикуларни активности за ученици од етнички мешани училишта и спречување на трговија со луѓе. Во фаза на реализација се: СЕА проектот (вклучени преку текстилно-кожарската струка), проектот за модернизација на образованието, ФАРЕ програмата, програмата за локално управување со училишта и програмата GLOBE.
|